Пошта на Република Северна Македонија

Во годините што ќе ги запаметиме како години на историски одлуки за Македонската држава, ПТТ системот ја изврши својата трансформација во национален ПТТ систем и се приклучи на светската поштенска структура како независна национална организација за вршење на поштенска дејност.

На 12 јули 1993 год. Македонија стана членка на Светскиот поштенски сојуз. Среднорочниот план за развој на ПТТ сообраќајот во периодот од 1991 до 1995 год. се однесуваше на следните активности: отворање на нови меѓународни поштенски линии со соседните земји; организирање и опремување на главниот поштенски центар во Скопје за вршење на меѓународен сообраќај; интензивирање на процесот на автоматизација на шалтерското работење во единиците на поштенската мрежа; воведување на современа опрема за автоматизација на технолошките процеси во поштенските центри;опремување на возниот парк со современи транспортни средства за превоз на поштенски пратки и подобрување на квалитетот на постојните и воведување нови услуги.

Меѓународниот поштенски сообраќај во Република Северна Македонија започна со работа на 1 јуни 1992 год., кога во ГЦП Скопје 2 се формира изменичната пошта 91003 Скопје во која се вршеше целокупната концентрација на пратки од и за странство преку две одделенија. Процесот на поделба на поранешната ПТТ „Македонија” започна согласно Договорот со ЕБРД кој особено беше интензивен кон крајот на 1996/97 год.

Од 1 јануари 1997 год. ЈП „Македонска пошта” веќе функционира како посебно претпријатие. Македонска пошта со повеќе од 2000 вработени и над 300 единици на поштенска мрежа на целата територија на Република Северна Македонија врши дејност на јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, согласно Законот за поштенски услуги.

МИСИЈА

Мисијата на Македонска пошта е квалитетно и ефикасно да ги задоволи потребите на корисниците со постојните и нови поштенски, поштенско-финансиски и други услуги, по фер и разумни цени за сите корисници, водејќи притоа сметка за стабилноста на компанијата и мотивираноста на своите вработени.

ВИЗИЈА

Визијата на Македонска пошта е да биде високопрофесионална, кориснички ориентирана, конкурентна, профитабилна, препознатлива и почитувана компанија со посветени и мотивирани вработени, одговорна кон корисниците и општеството.